Односите меѓу Русија и Северна Кореја наводно се соочуваат со сериозни тензии, откако Пјонгјанг привремено ја ограничил воената помош за Москва, тврди украинската воена разузнавачка служба (ХУР).
Според украинските разузнавачи, Северна Кореја ја запрела испораката на дел од ракетите и артилериската муниција, а вовела и ограничувања за руските воени транспортни авиони.
Изјава на руски дипломат го разгневила Пјонгјанг
Наводните несогласувања започнале во октомври, кога заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Руденко, изјавил дека Москва во иднина ќе помогне во намалувањето на тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја.
Севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи оценила дека ваквите изјави не се во согласност со сојузничките договори меѓу двете земји и побарала објаснување од Москва.
Украинското разузнавање тврди дека одлуката за привремено ограничување на воената поддршка лично ја донел севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Несогласувања и меѓу воените команданти
Според истиот извор, Пјонгјанг го одложува и барањето на Москва за испраќање дополнителни севернокорејски војници.
Како дополнителни пречки за воената соработка се посочуваат јазичните бариери, логистичките проблеми, несогласувањата меѓу командантите и загубите на бојното поле.
И покрај наводните ограничувања, севернокорејските сили кои веќе се наоѓаат во Русија не биле повлечени.
Тврдењата за нарушените односи меѓу Москва и Пјонгјанг потекнуваат од украинското разузнавање и засега немаат независна потврда. Во објавениот извештај не е наведена официјална реакција од Русија или Северна Кореја.







