Капачите на плажата Кацадија на грчкиот остров Липси биле изненадени кога во плитките води, на само неколку метри од брегот, забележале ајкула.
Морското животно мирно пливало во близина на луѓето без да покаже агресивно однесување, а многумина од присутните го снимиле необичниот момент со своите мобилни телефони.
Според неофицијални проценки засновани на видеоснимките, станува збор за ајкула од родот Mustelus, од семејството Triakidae, позната во Грција како галеос. Овие видови вообичаено не се сметаат за опасни за луѓето.
Сепак, експертите нагласуваат дека точниот вид не може со сигурност да се утврди само врз основа на видеоснимка и дека за прецизна идентификација е потребна дополнителна анализа.
Ајкулите од родот Mustelus припаѓаат на групата 'рскавични риби, што значи дека нивниот скелет е изграден од 'рскавица, а не од коски.
Иако појавата на ајкула толку блиску до брегот предизвика големо внимание меѓу туристите, засега нема информации за каков било инцидент или повредени лица.









