Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави соопшти дека ќе отстрани вкупно 76 физички и правни лица од списокот на санкции, во рамки на периодична ревизија на мерките.
Според официјалните информации, најголем дел од лицата што ќе бидат избришани од листата се веќе починати или компании кои повеќе не постојат или се затворени.
Од таканаречената „Specially Designated Nationals and Blocked Persons List“ ќе бидат отстранети 39 починати лица и 13 непостоечки или затворени правни субјекти.
Од Министерството посочуваат дека ваквиот потег има цел да се намали административниот товар и да се овозможи поголем фокус на реално високоризични лица и организации кои сè уште се активни.
Во образложението се наведува дека дел од санкционираните мрежи повеќе не функционираат, додека во други случаи лицата против кои биле воведени мерки веќе не се живи, што го прави нивното понатамошно следење непотребно.
Исто така, дел од компаниите изразиле забелешки дека се соочуваат со високи трошоци за проверка и усогласување, и покрај тоа што одредени субјекти се со низок или непостоечки ризик.
Во исто време, од американските власти се нагласува дека санкциите остануваат клучна алатка во надворешната политика, но дека тие периодично се ревидираат и прилагодуваат во согласност со актуелните безбедносни и политички приоритети.
Во последните години, бројот на санкционирани лица значително расте, паралелно со проширувањето на санкциските режими кон повеќе држави и организации ширум светот.









