ПРВ.мк
Свет

Бугарија ѝ ја отвора базата на американската војска – Иран испрати остро предупредување

Бугарија ѝ ја отвора базата на американската војска – Иран испрати остро предупредување

Бугарскиот парламент го одобри барањето на Соединетите Американски Држави за користење на воздухопловната база Безмер како логистичка поддршка за американските операции на Блискиот Исток.

Одлуката била изгласана со 136 гласа „за“, 13 „против“ и двајца воздржани.

Според усвоениот план, во периодот од 24 јули до 1 октомври во базата ќе можат да бидат распоредени до осум американски авиони-танкери KC-135, до 250 припадници на воениот персонал, како и придружна логистичка опрема.

Бугарските власти нагласуваат дека од територијата на земјата нема да се изведуваат борбени операции. Според официјалните изјави, американските авиони ќе се користат исклучиво за логистички задачи и дополнување гориво во воздух.

Одлуката предизвика остра реакција од Иран. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави за државната агенција ИРНА дека Техеран смета оти американските напади врз Иран претставуваат кршење на меѓународното право и оцени дека одлуката на Софија претставува „соучесништво во агресија“.

Во меѓувреме, бугарските власти повторуваат дека се обезбедени сите неопходни гаранции за заштита на националната безбедност и дека користењето на базата е ограничено на логистичка поддршка, без изведување воени напади од бугарска територија.