Голем шумски пожар во североисточниот дел на Шпанија се уште е надвор од контрола, а огнената стихија досега зафати околу 15.400 хектари земјиште.
Пожарот во областа Синко Виљас, во покраината Арагон, се смета за најголем во Шпанија оваа година. Повеќе од 450 пожарникари и спасувачи, со поддршка од 22 авиони и хеликоптери, се борат со огнот кој се шири поради силниот и променлив ветер и тешкиот планински терен.
Поради опасноста, над 1.000 жители морале да ги напуштат своите домови. Неколку населени места се ставени во состојба на готовност поради можноста за нови евакуации.
Властите во Арагон го опишаа пожарот како „најсложениот со кој регионот се соочил во последните години“. Особено загрижувачки се променливите временски услови кои постојано го менуваат правецот на ширење на огнот.
Екипите успеале да го одбранат градот Луесија, кој бил сериозно загрозен од пламените јазици. Голем број сили биле насочени кон заштита на населеното место и спречување на огнот да стигне до куќите.
Во гасењето учествуваат припадници на пожарникарските служби, војската, цивилната заштита, Црвениот крст и други итни служби.
И покрај напорите, опасноста се уште не е завршена, а властите предупредуваат дека високите температури и сувото време можат повторно да предизвикаат ширење на пожарот.









