Седуммесечно палестинско бебе загина, а неговите родители се ранети во пукање во областа Тел Румејда, јужно од Хеброн на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Ројтерс.
Според информациите, бебето Сам Фахд Абу Хајкал починало како последица на тешките повреди, додека родителите се хоспитализирани со повреди кои се оценуваат како средно тешки.
Бабата на детето изјавила дека семејството се движело со автомобил во близина на контролен пункт познат како „Checkpoint 17“, кога забележале израелски воени возила и војници. По нивно застанување, биле испукани истрели, кои првично ги сфатиле како предупредувачки.
Таа тврди дека еден куршум го погодил бебето во лицето и главата, а мајката е повредена во образ, додека таткото е ранет во прст.
Од израелската војска соопштиле дека за време на операција во областа забележале возило кое, според нивната проценка, се движело со забрзување кон војниците, по што еден војник испукал неколку истрели кон возилото.
Во соопштението се наведува дека три лица се ранети и дека случајот е под истрага, а прелиминарните наоди укажуваат дека станува збор за цивили.








