По историскиот триумф на Шпанија над Аргентина во финалето на Светското првенство 2026, најголемото внимание не го привлече само освоениот трофеј, туку и еден момент кој ги разнежни фудбалските фанови ширум светот.
Веднаш по последниот судиски свиреж, додека играчите ја славеа големата победа, тригодишниот Кејн, помалиот полубрат на Ламин Јамал, истрча на теренот на стадионот „Њујорк Њу Џерси“ во Ист Радерфорд и директно се упати кон својот постар брат.
Облечен во црвениот дрес на шпанската репрезентација, малиот Кејн со насмевка трчаше низ теренот, аплаудираше, а потоа скокна во прегратките на фудбалерот кој штотуку стана светски шампион.
Снимката, која ја објави „Фокс спортс“, брзо стана вирална. На неа се гледа како детето во рацете држи и дел од мрежата од голот како сувенир од историскиот натпревар, додека неговиот брат го прегрнува во момент исполнет со емоции.
Кејн е син на мајката на Ламин Јамал, Шејла Ебана, која по разделбата со таткото на фудбалерот, Мунир Насрауи, продолжила да гради ново семејство. Малиот брат на шпанската ѕвезда е роден во септември 2022 година.
Нивната блискост одамна го привлекува вниманието на јавноста. Кејн често може да се види на натпреварите на својот постар брат, уште од периодот кога Јамал го направи своето деби за Барселона во 2023 година.
Ова не е првпат двајцата браќа да споделат ваков трогателен момент. По полуфиналната победа на Шпанија над Франција, Кејн повторно истрча низ трибините за да го пронајде Ламин и да му честита со голема прегратка.
Шпанија до светската титула стигна со победа од 1:0 против Аргентина, а херој на финалето беше Феран Торес, кој го постигна победничкиот гол во 106. минута од продолженијата.
За Ламин Јамал ова беше прво Светско првенство во кариерата, а веднаш го круниса со најголемиот можен успех. Шпанија со овој трофеј ја освои својата втора светска титула, по историскиот триумф во 2010 година.







