Министерот за спорт и поранешен голман Борко Ристовски утрово гостуваше на Радио Лидер, каде објави дека успеал да ја реализира една од своите први иницијативи – спортистите повеќе да не се појавуваат во реклами за казина, спортски кладилници и брзи кредити.
„Успеавме да постигнеме договор и спортистите ги повлекоа своите рекламирања со тие компании. Веќе нема нови договори, ниту ќе има во иднина. Тоа беше направено џентлменски, без промени во законот – со разговор и договор со компаниите“, изјави Ристовски.
Тој потенцираше дека ваквиот потег е направен за доброто на општеството и дека Македонија треба да биде пример за поздрава спортска средина, без оглед на тоа што се случува во соседните земји.
„Ајде да гледаме во својот двор и да ја направиме Македонија понормално општество“, додаде министерот.
Со оваа мерка, вели Ристовски, спортистите се заштитени од промоција на штетни навики, а спортот добива почиста и поодговорна слика.