Македонскиот спорт доби уште едно големо меѓународно признание, откако џиу-џицу натпреварувачката Катерина Ацевска се искачи на самиот врв на светската ранг-листа и од денеска е официјално прворангирана во својата категорија.
Овој историски успех е резултат на нејзините континуирани настапи и врвни резултати во изминатите сезони, со што Ацевска го освои првото место во сениорската конкуренција над 70 килограми. Таа зад себе остави силна меѓународна конкуренција од околу 70 натпреварувачки од 30 различни држави.
Од Џиу-џицу федерацијата на Македонија истакнуваат дека достигнувањето е резултат на долгорочна посветеност, дисциплина и сериозни лични откажувања, нагласувајќи дека патот до врвот бил исполнет со бројни предизвици.
Според нив, успехот доаѓа по 15 години интензивна работа, тренинзи, настапи на голем број турнири и освојување медали на светски, европски, балкански и Гран при натпреварувања.
Од федерацијата порачуваат дека ова е само почеток на нова фаза, со цел да се задржи лидерската позиција на светската ранг-листа и да се продолжи со уште поголеми спортски успеси во иднина.









