По покана на поранешните фудбалери на Борец, Жељко Недељкович и Миле Вулетиќ, ветеранската екипа на ФК Борец отпатува во Краљево, Србија, каде што одигра пријателски натпревар против ветераните на ФК Слога.
Недељкович и Вулетиќ, кои се од Краљево, во 1994 година го носеа дресот на велешки Борец, а токму нивната иницијатива беше повод старите спортски пријателства повторно да оживеат на фудбалскиот терен.

Во одлична и пријателска атмосфера, ветераните на Борец славеа со 1:0, а стрелец на победничкиот погодок беше Жарко Спасовски.
Сепак, резултатот беше само дел од убавата фудбалска приказна. Средбата пред сè беше посветена на дружењето, обновувањето на старите пријателства и создавањето нови врски меѓу ветеранските секции на двата клуба.
Домаќините од Краљево приредија одличен пречек, а заедничката желба е ваквите средби да продолжат и во иднина и да прераснат во традиционално спортско дружење меѓу Велес и Краљево.

Следната средба е планирана за декември, кога ветераните на Слога ќе бидат гости во Велес, непосредно пред новогодишните празници.
Соработката продолжува и во април, кога ветераните на Борец се поканети да учествуваат на меѓународен ветерански турнир во Белград.
Уште една убава потврда дека фудбалот создава пријателства кои траат со децении, а старите соиграчи и ривали секогаш имаат причина повторно да се сретнат на зелениот терен.








