Новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, во своето петочно гостување на Daily Click зборуваше за хуманитарниот натпревар, поддршката кон селекторот и предизвиците и дилемите на идното делување на ФФМ.
Во јавноста кулминираа мислењата за врачување оставка на селекторот Милевски, Омерагиќ беше запрашан дали уште стои дека тоа е вистинската одлука. „Ние имаме седум натпревари без пораз. Јас одлуки не носам под емоции и сум убеден дека тоа е исправна фудбалска одлука. Не може да правите одлуки ad hoc или под притисок на јавноста.“ истакна Омерагиќ. „Во репрезентацијата имаме одлична атмосфера меѓу играчите, имаме различни генерации на играчи и факт е дека функционираат феноменално. Се работи за одлична генерација на момци кои карактерно и фудбалски се многу добри. Можам само пофални зборови да кажам за нив како личности и како луѓе. Секогаш би сакале да победуваме, но веќе нема слаби страни во фудбалот. Сепак, нас во карактерот ни е да победуваме“.
„Направив рез бидејќи мислев дека нам ни треба нов почеток. Таму резот се направи во повисоката раководна структура. Ѓорѓи Христов беше назначен за технички директор задолжен за младите селекции, плус Горан Пандев е директор на сите селекции и директор на ФФМ и излезени се тие од фудбалот, исто како и јас. Нас потешко е некој да не манипулира некој, се гледа после десетина минути на некој дали му е местото во состав или не му е местото во состав. Ѓорѓи Христов морам да кажам дека одлично ја работи својата работа, многу прецизно, многу е посветен на тоа, се прават анализи. Ни останува само скаутинг одделението да го пуштиме во функција и тие луѓе да добијат свои функции“ – одговори претседателот запрашан дали станува збор за рез направен кон селекторите на младинските репрезентации.
„После тоа уште сега ни е испланирано и договорено во месец јуни, кога завршуваат средните училишта и почнуваат распустите, ние ќе направиме еден поголем камп во Скопје. Добиваме понуда на многу играчи – деца на наши иселеници од Македонија што играат надвор, чии родители се на времена работа надвор. Сето тоа ние го документираме, архивираме, правиме списоци и сите тие играчи ќе бидат повикани, некаде во јуни, на десетици дена.“ – дополни тој, обелоденувајќи ги плановите на ФФМ насочени кон придобивање и мапирање на младинските играчи.
Запрашан за несреќно примениот гол во 96-тата минута на скорешниот натпревар со Велс, Омерагиќ смета дека не постои простор за разочараност, алудирајќи дека станува збор за добро подготвена репрезентација. „И јас посакував судијата да свирне крај во 91-та минута. Но, нема причина за незадоволство. Треба да бидеме оптимистични и да гледаме напред.“ истакна новиот претседател. „Фудбалот е комбинација на добри игри и на големо количество на среќа“ дополни тој.
Омерагиќ, новиот претседател на ФФМ: Ни требаше нов почеток, оптимистични се плановите за иднината на фудбалската федерација




