30 март 2025 година, Сиднеј, Австралија – Македонската заедница во Нов Јужен Велс покажа солидарност и хуманост, собирајќи 87.100 долари за семејствата на загинатите и повредените во трагичниот пожар во Кочани.

Средствата беа обезбедени преку донаторска акција предводена од Фудбалскиот клуб „Илинден“ од Рокдајл, во соработка со повеќе македонски организации во Сиднеј.
„Сите собрани средства ќе бидат префрлени на сметките на семејствата на загинатите и повредените во оваа страшна несреќа во Кочани,“ соопштија од клубот „Илинден“.

Во акцијата значаен придонес дадоа и Австралиско-Македонската асоцијација „Методија Андонов Ченто“, Македонското културно-уметничко друштво „Илинден“, Македонското друштво „Мариово“ и Фудбалскиот клуб „Лавови“ од Бенкстаун.
ФК „Илинден“ изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и посака брзо закрепнување на повредените од трагедијата што го потресе Кочани на 16 март годинава.