Реал Мадрид му понуди нов договор на Винисиус Жуниор – Бразилецот останува на „Сантијаго Бернабеу“
Добри вести за навивачите на Реал Мадрид пристигнуваат пред денешното „Ел Класико“ против Барселона (16:15 часот). Еден од најдобрите играчи на тимот, Винисиус Жуниор, постигнал договор со клубот за продолжување на соработката.
Според шпанските медиуми, Бразилецот ја прифатил понудата за нов петгодишен договор, со кој ќе заработува 100 милиони евра – по 20 милиони годишно. Новиот договор значително ги подобрува финансиските услови за Винисиус, кој досега заработуваше по 15 милиони евра годишно. Иако неговиот актуелен договор важи до 2027 година, двете страни се согласиле да ги формализираат новите услови веднаш по завршувањето на сезоната.
Дополнително, во договорот се вклучени и клаузули за бонуси поврзани со освоени трофеи и индивидуални постигнувања, како што се голови и асистенции.
Винисиус Жуниор, кој има 24 години, е дел од Реал Мадрид од 2018 година. Од тогаш, тој одигра 314 натпревари за првиот тим и постигна 105 голови, станувајќи еден од клучните играчи во тимот на Карло Анчелоти.