ПРВ.мк
Спорт

Најголемиот спортски настан во Македонија повторно во Велес - Јубилејните Спортски Игри 2026 носат 6 дена адреналин и забава

Најголемиот спортски настан во Македонија повторно во Велес - Јубилејните Спортски Игри 2026 носат 6 дена адреналин и забава

Од 1 до 6 јуни во Градски парк Велес ќе се одржи јубилејното петто издание на Спортски Игри Велес 2026, настан кој во изминатите години прерасна во препознатлив спортски бренд и во едно од најмасовните собирања од ваков тип во Македонија. Со секое ново издание, овој настан привлекува сè поголемо внимание, а годинава интересот е уште поголем, особено ако се знае дека пријавите се веќе во завршна фаза.

Спортски Игри Велес не се само натпреварување, туку вистински спортски фестивал кој неколку дена го претвора Велес во место каде што се спојуваат спортот, енергијата, дружењето и добрата атмосфера. Јубилејното петто издание носи богата програма, повеќе дисциплини и уште посилна организација, со јасна цел на едно место да се соберат спортисти, рекреативци, љубители на спортот и публика од повеќе градови и земји.

Годинава учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат во неколку атрактивни спортови. Во програмата се вклучени одбојка на песок во машка, женска и микс категорија, баскет 3x3 за мажи, жени и јуниори, мал фудбал во машка конкуренција, но и со нова женска категорија, како и тенис во сингл и дубл формат. Токму разновидноста на дисциплините е една од причините поради кои настанот секоја година привлекува сè поширок круг на учесници.

Посебна тежина на ова издание му дава и податокот дека минатата година на Спортските Игри учествувале над 600 спортисти, меѓу кои имало и повеќе од 70 интернационални учесници. Тоа говори дека настанот одамна ги надмина локалните рамки и станува се позначаен и на пошироко ниво. Организаторите и годинава очекуваат силен одзив и уште една масовна спортска приказна која ќе го потврди статусот на Велес како домаќин на голем и сериозен настан.

Покрај спортскиот дел, Спортски Игри Велес 2026 ќе понудат и содржини што ќе ја збогатат атмосферата за сите посетители. Најавени се food corner и chill zone, што значи дека настанот нема да биде интересен само за натпреварувачите, туку и за семејства, пријатели, навивачи и сите оние кои сакаат добра атмосфера покрај спортските терени. На тој начин, целото случување добива и забавен, урбан и фестивалски карактер.

Дополнителен мотив за учесниците е и наградниот фонд од 1 милион денари, кој е уште една потврда за сериозноста и големината на организацијата. Со ова, Спортски Игри Велес 2026 не само што ветуваат силна конкуренција и квалитетни натпревари, туку и уште еднаш покажуваат дека станува збор за настан кој од година во година поставува повисоки стандарди.

Со пет години традиција, зголемен интерес, повеќе дисциплини и амбиент што обединува спорт и забава, Спортски Игри Велес 2026 веќе се наметнуваат како еден од најголемите и најзначајни спортски настани во Македонија. Од 1 до 6 јуни, Градски парк во Велес ќе биде местото каде што ќе се создаваат нови спортски приказни, нови победи и уште едно издание кое долго ќе се памети!

Најнови вести