Најдобрата македонска фудбалска репрезентација в сабота од 15:00 часот во Вадуц ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026 против Лихтенштајн.
Пред натпреварот, нашиот селектор Благоја Милевски одржа прес-конференција, а првите прашања беа за големата трагедија во Кочани, каде животот го загубија 59 лица.
„Сѐ уште ми е тешко да зборувам за тоа. Уште еднаш да изразиме сочувство до семејствата на сите починати. Мислам дека нашата концентрација треба да биде насочена на фудбалските прашања. Многу е тежок моментот за било што да се зборува понатака и повеќе“, изјави Милевски.
Селекторот нагласи дека Македонија го почитува Лихтенштајн, но и дека очекува неговите играчи да имаат сериозен пристап на овој натпревар.
„Што се однесува до поставеноста и играта на ривалот, секако дека не мора да значи дека ќе биде истата и на утрешниот меч, но од друга страна, имаме максимален респект кон нашиот противник и мислам дека ќе имаме и максимален сериозен пристап на утрешниот меч“, изјави Милевски.
Последен пат овие две репрезентации се сретнаа на 8 октомври 2021 година во квалификациите за Светското првенство, кога Македонија беше подобра со 4:0 на гостински терен.
„Секако дека тука сме дојдени и максимално подготвени за утрешниот натпревар. Секако дека би било добро да стартуваме со победа во овие квалификации, да продолжиме со серијата добри резултати, седми натпревар по ред, но може да се надеваме на такво нешто само ако бидеме на нашиот максимум“, изјави Милевски.