Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, истакна дека во современиот фудбал нема неоспорни фаворити, но дека Македонија со максимален пристап ќе се труди да ги освои трите бода на гостувањето кај Лихтенштајн.
По успешниот настап во Лигата на нации, Македонија сега се соочува со нов голем предизвик – квалификациите за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. Првиот противник на „црвено-жолтите“ е Лихтенштајн, а иако нашата репрезентација се смета за фаворит, Барди нагласува дека тоа треба да се потврди на теренот.
„Во современиот фудбал нема неуспорни фаворити, секој тим заслужува почит. Бодовите треба да се заслужат на теренот“, изјави капитенот на Македонија.
„Ова е нов почеток за нас. Сакаме да ја водиме Македонија кон местото каде што сонуваме и да постигнеме многу во овој квалификациски циклус“, додаде тој.
„Имаме квалитет, но ќе ни треба енергија и силна желба за победа против Лихтенштајн. Секако, мораме да влеземе на теренот со 100% концентрација“.