Фудбалскиот клуб „Рокдејл Илинден“ од Австралија, заедно со своите партнерски организации, собра вкупно 87.100 австралиски долари како помош за семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во Кочани. Собраните средства ќе бидат префрлени на индивидуалните банкарски сметки на погодените семејства во наредните денови.
Од клубот изразија благодарност до бројните поддржувачи и корпоративни партнери кои учествуваа во оваа хуманитарна акција, како и до здруженијата што дадоа значителен придонес:
• Австралиско-Македонското здружение „Методија Андонов – Ченто“ – Сиднеј
• МКУД „Илинден“ – Сиднеј
• Здружението „Мариово“ – Сиднеј
• ФК „Бенкстаун Сити Лајонс“
„Оваа огромна иницијатива немаше да биде можно без поддршката од нашите членови, навивачи и хуманитарни организации. Им благодариме на сите што присуствуваа на натпреварот минатата недела и донираа за оваа благородна кауза“, соопшти клубот.
„Рокдејл Илинден“ испрати молитви и искрено сочувство до семејствата и блиските на загинатите во оваа трагедија.