Од 24 до 26 јули, на игралиштето во Превалец ќе се одржи Меморијалниот турнир во мал фудбал „Гоце Коцевски“, кој засекогаш остана во срцата на своите најблиски и пријатели, чиј спомен ќе продолжи да живее преку спортот, заедништвото и хуманоста.

Тридневниот турнир ќе започне во петок, 24 јули, со свечено отворање во 19:00 часот. Во програмата се предвидени интонирање на македонската химна во изведба на оперската пејачка Вероника Стојчевски, пригодни обраќања посветени на ликот и делото на Гоце Коцевски, поздравен говор од организаторите, како и официјално отворање на турнирот.
Веднаш по церемонијата ќе започнат осминафиналните натпревари, на кои ќе настапат 16 екипи, а натпреварите ќе се играат до доцните вечерни часови.
Во сабота, 25 јули, програмата продолжува со четвртфиналните и полуфиналните натпревари. Посебен момент ќе биде ревијалниот натпревар на ветераните на ФК Превалец, кој ќе се одигра меѓу четвртфиналните дуели.
Финалниот ден, недела, 26 јули, започнува со натпреварот за третото место, по што од 20:00 до 21:00 часот ќе настапи КУД „Коле Неделковски“. Големото финале е закажано за 21:00 часот, а по неговото завршување ќе следува доделување на пехари, медали и признанија. Меморијалниот турнир ќе биде затворен со музичка програма на „Стакато Бенд“.
Организаторите ги покануваат сите граѓани да присуствуваат, да ги поддржат екипите и заедно да оддадат почит на Гоце Коцевски. Турнирот има за цел да го зачува споменот на овој млад човек кој живееше за спортот, беше голем љубител на фудбалот и со својата спортска енергија и ентузијазам остави неизбришлива трага меѓу своите пријатели и сограѓани.
Воедно, капитените на сите пријавени екипи се известуваат дека официјалната ждрепка ќе се одржи на 23 јули (четврток) во 20:00 часот на игралиштето во Превалец. Секоја екипа треба да биде претставена од својот капитен или овластен претставник, со цел ждрепката да се спроведе навремено и транспарентно.








