Светското првенство во фудбал во 2034 година би можело да донесе досега невиден преседан во историјата на најголемото фудбалско натпреварување. Според сценаријата што се разгледуваат, Мундијалот во Саудиска Арабија би можел да започне кон крајот на 2034 година, а да заврши дури во 2035 година.
Саудиска Арабија официјално е избрана за домаќин, но ФИФА сè уште нема одредено точни датуми за одржување на турнирот. Главниот проблем се екстремно високите температури во летните месеци, поради што традиционалниот термин во јуни и јули е тешко остварлив.
Слична ситуација имаше и со Светското првенство во Катар во 2022 година, кое наместо во летниот период се одржа во ноември и декември. Меѓутоа, организацијата на Мундијалот во Саудиска Арабија носи дополнителни компликации.
Една од најголемите пречки е верскиот календар. Во 2034 година Рамазан се очекува од средината на ноември до средината на декември, што значително го ограничува периодот во кој може да се организира натпреварувањето.
Поради тоа, како една од можностите се споменува турнирот да започне кон крајот на декември 2034 година, а завршните натпревари да се одиграат во јануари или февруари 2035 година.
Во опција е и одржување на првенството на почетокот на 2034 година, но и тогаш постојат сериозни организациски предизвици.
За февруари 2034 година се закажани Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити, додека во март се очекува одржувањето на аџилакот во Саудиска Арабија. Овие настани дополнително го усложнуваат изборот на соодветен термин.
Покрај климатските и верските околности, ФИФА ќе мора да го усогласи календарот и со европските фудбалски првенства, обврските на клубовите, телевизиските права и спонзорските договори.
Иако можноста Светското првенство да се игра во две календарски години привлекува големо внимание, засега нема официјална одлука за одложување или преместување на Мундијалот во 2035 година.
На официјалната веб-страница на ФИФА Саудиска Арабија е потврдена како домаќин на Светското првенство во 2034 година, но конкретниот распоред сè уште не е објавен.
Доколку биде прифатено сценариото натпреварувањето да започне во една, а да заврши во следната календарска година, тоа би претставувало историска промена во организацијата на Мундијалите.










