ПРВ.мк
Спорт

ГОЛЕМ УСПЕХ: Македонски клуб доминираше на Балканот!

ГОЛЕМ УСПЕХ: Македонски клуб доминираше на Балканот!

Кик-бокс клубот Самурај постигна одличен резултат на Балканското првенство во кик-бокс, кое се одржа во Нови Сад, Србија, освојувајќи два златни и еден сребрен медал.

Во сениорска конкуренција, Дамјана Пеовска настапи во категорија до 70 килограми во дисциплината кик-лајт и по израмнета финална борба го освои сребрениот медал, откако беше поразена од српската натпреварувачка Јелена Седоглавиќ.

Мила Мартинез Крстиновска во категорија до 60 килограми стигна до златен медал по финале во кое се соочи со друга македонска репрезентативка, Горјана Николоска. Борбата заврши со прекин, а победата ѝ донесе титула шампион.

Најголем впечаток остави Леа Бошевска во категорија до 50 килограми. Таа во полуфиналето убедливо ја совлада репрезентативката од Бугарија, а во финалето доминираше против српската противничка, при што борбата беше прекината во третата рунда.

Со овој настап, Бошевска не само што ја освои балканската титула, туку беше прогласена и за најдобар борец во сениорска конкуренција, добивајќи специјално признание и пехар.

Од клубот изразија задоволство и гордост од резултатите, нагласувајќи дека ова е само почеток на уште поголеми успеси во текот на сезоната.