Македонската велосипедистка Дуња Иванова постигна голем спортски успех со обезбедување директен пласман на Светското првенство во планински велосипедизам (XCM), кое ќе се одржи во Италија.
Таа настапи на третата рунда од HERO UCI Marathon World Cup, одржана во Натурленд, Андора, каде што успеа да заврши на 20. место во исклучително силна меѓународна конкуренција. Според правилата на UCI, токму првите 20 натпреварувачки од секоја рунда обезбедуваат директна квалификација за Светското првенство.
Трката во Андора беше една од најтешките во сезоната. Натпреварувачките се соочија со патека на надморска височина над 2.000 метри и вкупно искачување од повеќе од 2.200 метри. Освен физичката издржливост, учесничките мораа да совладаат стрмни искачувања, технички делници и брзи спустови, што дополнително ја зголеми тежината на натпреварот.
Успехот на Иванова добива уште поголемо значење ако се земе предвид дека станува збор за елитна светска серија во која учествуваат најдобрите маратонски велосипедистки.
Со освоените бодови од Андора, заедно со претходните резултати во Шпанија и Италија, таа моментално се наоѓа на 15. позиција во генералниот пласман на Светскиот куп, што дополнително го потврдува нејзиниот континуиран напредок и форма.









