Најдобриот шпански тенисер Карлос Алкараз нема да ја брани титулата на Ролан Гарос оваа година. Поради воспаление на тетивата на зглобот, младиот ас ќе биде надвор од терените два месеци, што значи дека ќе ги пропушти и Мастерсот во Рим и парискиот гренд-слем.
Последиците се големи – Алкараз минатата сезона триумфираше на двата турнира и сега ќе остане без 3.000 АТП поени. Тоа му отвора простор на Јаник Синер значително да ја зголеми предноста на врвот на светската ранг-листа.
Тимот на Алкараз соопшти дека повредата не е од најсериозна природа, нема руптура, но бара претпазливост. Целта е Шпанецот да биде подготвен за турнирот во Квинс и потоа за Вимблдон. „Карлос е оптимист и верува дека ќе се врати посилен,“ стои во изјавата.
Сепак, шпанските медиуми предупредуваат – Рафаел Надал во 2014 година имал идентична повреда и по враќањето не успеал да помине ни четвртфинале до крајот на сезоната. Доктори истакнуваат дека ова е чувствителна повреда која бара внимателен третман и може да влијае на целата кариера.
Весникот „Ас“ потсетува дека со слични проблеми се соочиле и Хуан Мартин Дел Потро и Доминик Тим, кои поради воспаленија на тетивите имаа големи тешкотии да се вратат на максимално ниво.
Алкараз останува надежен, но тенискиот свет е во исчекување – дали оваа пауза ќе биде само кратка епизода или почеток на подолга борба со повредите?









