Светската фудбалска федерација повлече драматичен и неочекуван потег само пред почетокот на Светското првенство, откако холандскиот судија Роб Диперинк беше отстранет од листата на официјални лица, и покрај тоа што полициската истрага против него во Велика Британија беше затворена без понатамошни обвиненија.
Диперинк, кој требаше да биде дел од Мундијалот како ВАР-судија, се најде во центарот на сериозно внимание по пријава за наводен сексуален напад врз малолетно лице во април во Кројдон, Лондон.
Иако Метрополитен полицијата спровела детална истрага, вклучувајќи анализа на надзорни камери и дигитални уреди, случајот бил затворен поради недоволно докази и без понатамошна правна постапка, ФИФА сепак не отстапи од својата одлука.
Во кратко, но силно соопштение, организацијата потврди дека Диперинк повеќе нема да биде дел од судискиот тим на Светското првенство, испраќајќи јасна порака дека репутацискиот ризик и сомнежите, дури и без судска разрешница, можат да имаат огромни последици на најголемата фудбалска сцена.
Оваа одлука веднаш предизвика бурни реакции, особено во Холандија, каде случајот се претвори во национална тема.
Самиот Диперинк јавно реагираше, тврдејќи дека бил неправедно обвинет и дека од првиот момент целосно соработувал со сите релевантни институции, вклучувајќи ја полицијата, ФИФА, УЕФА и Холандскиот фудбалски сојуз.
Тој изрази длабоко разочарување што, и покрај затворениот случај, останува без можност да биде дел од најголемиот светски фудбалски турнир.
Дополнителен притисок врз ФИФА дојде и од Кралскиот холандски фудбалски сојуз, кој застана во одбрана на својот арбитар, нагласувајќи дека секоја пријава мора сериозно да се третира, но и дека никој не смее однапред да биде осуден без конечни докази.
Одлуката отвора поширока дебата за тоа каде завршува правниот принцип на невиност, а каде започнува репутациската политика на глобалните спортски институции.
За многумина, потегот на ФИФА е пример за политика на „нула ризик“, во која дури и затворена истрага може да биде доволна за елиминација од најголемата спортска сцена, додека за други ова претставува опасен преседан што може да влијае врз принципот на правична проценка.
Како и да се толкува, случајот со Роб Диперинк веќе стана една од најконтроверзните предмундијалски приказни, покажувајќи дека надвор од теренот, фудбалот сè почесто се соочува со одлуки што одекнуваат далеку посилно од самиот спорт.








