Македонскиот спорт доби силен поттик – 500 млади репрезентативци добија државни стипендии во рамки на програмата „Спортска надеж“, која и годинава ја реализира Министерството за спорт. Свеченото доделување се одржа во Македонската опера и балет, како дел од манифестацијата „Спортист на годината 2025“.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, порача дека поддршката на младите таленти не е трошок, туку стратешка инвестиција во иднината на државата. Според него, системската грижа за спортистите значи вложување во здрави генерации, национален идентитет и идни меѓународни успеси.

Ристовски, кој и самиот има искуство како репрезентативец, им упати мотивирачка порака на стипендистите да бидат истрајни, дисциплинирани и горди што ја носат македонската репрезентативна боја. Тој нагласи дека државата застанува зад нив и дека вратата за поддршка останува отворена.

Министерот потсети и на, како што рече, исправената долгогодишна неправда – со законски измени и доделување национални признанија за спортистите кои во изминатите две децении ја претставувале Македонија на европска и светска сцена. Тие, според него, се жив доказ како се брани спортскиот и националниот углед.

Стипендиите „Спортска надеж“ се наменети за спортисти до 20 години, активни македонски репрезентативци во сите спортови, со цел да им се овозможат подобри услови за тренинг, развој и спортски напредок.

















