Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски го освои златниот медал во скок во далечина на Европското првенство во атлетика за мали земји, кое се одржа во Монако.
Членот на АК Работнички до победата стигна со скок од 7,62 метри, остварен во втората серија, што се покажа како недостижен резултат за конкуренцијата. По првиот скок од 7,43 метри, Трајковски значително го подобри својот резултат и го презеде водството.
Поради грчеви во мускулот, македонскиот репрезентативец беше принуден предвреме да го заврши настапот и да не ги изведе преостанатите обиди, но и покрај тоа успеа да го задржи првото место до крајот на натпреварувањето.
Зад Трајковски завршија Мухамет Кнџели од Албанија со 7,46 метри и Андреас Мачалекидес од Кипар со 7,33 метри.
Ова претставува уште еден голем меѓународен успех за македонската атлетика и потврда за одличната форма на Трајковски оваа сезона. На церемонијата на доделување на медалите во Монако се развиори македонското знаме, а беше интонирана и македонската химна – момент кој предизвика гордост кај македонската спортска јавност.









