Фудбалската репрезентација на Иран се соочува со сериозни и невообичаени ограничувања пред стартот на Светското првенство, откако се појавија информации дека нивниот престој во САД ќе биде строго временски ограничен.
Според изјави од ирански дипломатски претставници, фудбалерите ќе смеат да влезат на територија на САД само на денот на натпреварот и ќе мора да ја напуштат земјата веднаш по неговото завршување. Практично, нивниот престој би траел само за времетраењето на натпреварот.
Ова значи дека тимот нема да има можност да остане, да тренира или да се движи слободно во САД, туку ќе патува од својата база во Мексико директно на стадион, а потоа веднаш назад.
Дополнително, дел од членовите на стручниот штаб и делегацијата на Иран наводно немаат добиено влезни дозволи, што дополнително ја комплицира ситуацијата околу нивното учество.
Иранските фудбалери веќе ја поместија својата база на подготовки во Мексико, од каде ќе патуваат на натпреварите во САД, вклучувајќи ги дуелите во Лос Анџелес и Сиетл, што дополнително ја отежнува логистиката и организацијата.
Ситуацијата предизвикува големо внимание во спортската јавност, бидејќи вакви ограничувања се речиси без преседан во историјата на Светските првенства.







