Град Скопје упати апел до сите граѓани и компании кои имаат неплатени даноци и такси – време е да ги средите обврските, за да избегнете присилна наплата и дополнителни казни.
Според евиденцијата на Секторот за даноци на имот и комунални такси, долгот на даночните обврзници за периодот од 2020 до 2025 година изнесува над 36 милиони евра. Станува збор за данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина.
Градските власти потсетуваат дека даноците и комуналните такси се основни извори на приходи кои овозможуваат финансирање на инфраструктурни проекти, јавни услуги и школство.
Даночниот долг може да се плати преку шалтерите на Град Скопје секој работен ден од 8:00 до 19:00 часот, како и во сабота, на 13.12.2025 година. Дополнително, граѓаните можат да ги проверат своите обврски и да извршат електронска уплата преку платформата на Градот: https://danoci.skopje.gov.mk.
Според Законот за даноци на имот, неплатените долгови, парични казни и камати ќе се наплатат по присилен пат ако не се платат доброволно во предвидениот рок. Град Скопје уште еднаш апелира – платете го вашиот данок на време и избегнете непотребни проблеми со извршители.

















