Општина Центар започна со засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини, со цел да се заштитат јавните површини и безбедноста на пешаците. Комуналните инспектори и редари секојдневно ќе ги следат паркинг-прекршоците и ќе реагираат доследно, без исклучоци.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, износот се намалува за половина, додека по истекот на рокот следува целосна наплата и поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.
„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува сите граѓани да ги почитуваат правилата за паркирање и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

















