Здружението „16 март 2025 Кочани“ доби официјална одлука од Општина Кочани за користење простор во Стар парк за реализација на меморијалниот проект „Патека на бесконечноста“. Меморијалот ќе биде достоинствено место за оддавање почит на жртвите од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“, а целта е изградбата да започне што е можно побрзо.
Локацијата опфаќа 1.035 квадратни метри и се наоѓа помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“. Меморијалниот комплекс ќе има максимална висина до три метри.
Со донесената одлука, здружението може да започне со уредување на просторот без класична градежна дозвола. Во наредниот период ќе се прибира потребната документација и ќе се обезбедуваат финансиски средства преку донации, поддршка од компании и хуманитарни настани.
Во почетната фаза ќе се поднесе барање до Министерството за култура за одобрување на идејното решение, инспирирано од симболот на бесконечноста.
Проектот предвидува уредени пешачки патеки, амбиентално осветлување, клупи, фонтана, статуа на Богородица и камени плочи со имињата на 63-те жртви.

















