Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги претстави деталите за финансиската стабилизација на градот, како и проекти во образованието, инфраструктурата и јавните услуги кои долго беа блокирани од претходните раководства.
На седницата на Советот на Град Скопје, при усвојувањето на Буџетот за 2026 година, Ѓорѓиевски истакна дека градот наследил катастрофални 40 милиони денари на сметката, додека денес располага со 400 милиони. „Во првите 40 дена од мојот мандат реализиравме приходи од 659 милиони денари, речиси двојно повеќе од било кој месечен резултат во минатото“, рече тој.
Тој потенцираше дека финансиското наследство вклучувало презадолжени и девастирани јавни претпријатија, културни и образовни институции. Во делот на образованието, градот веќе инвестира во спортски терени во шест средни училишта, прочистувачи на воздух, нова ИТ опрема, смарт табли, лаптопи, клупи и столчиња, реализирајќи повеќе во 40 дена отколку што претходните раководства не успеале за цел мандат.
Ѓорѓиевски најави продолжување на изградбата и реконструкцијата на улиците Момин Поток и Фрањо Клуз, како и средства за првата фаза од подземната сообраќајница кај „Лимак“ и кружниот тек во Ѓорче Петров.
Со ребалансот на буџетот, сите јавни претпријатија добиле заостанати плати, а долгот кон добавувачи е намален од 330 на 236 милиони денари. Градоначалникот посочи дека поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски била клучна за финансирањето на студентскиот превоз со износ од 360 милиони денари, кој ќе се исплаќа во период од три години.
„Кога се сака и кога се работи со посветеност, сè е можно. Доаѓа времето кога реално ќе го живееме подоброто Скопје“, заклучи Ѓорѓиевски.
















