Сезонскиот грип во земјава го достигна својот врв, а многу семејства празниците ги минуваат во болнички оддели, особено во Детската клиника за белодробни заболувања во Козле, Скопје, која моментално работи со полн капацитет.
Ходниците на клиниката се преполни со родители и деца, а долгиот ред за прегледи е секојдневие. Само за време на минатиот викенд, во оваа болница биле прегледани околу 800 пациенти, што е исклучително висок број за 48 часа.
Специјалистот педијатар Елена Ѓиновска-Тасевска истакна дека вчера биле лекувани околу 150 деца, а денес бројот на хоспитализирани изнесува околу 100. Од нив, шест деца со потешка клиничка слика се на апарати за кислород.
– „Грипот го достигна својот врв, а најчестите симптоми се висока температура, намален апетит и кашлица. Капацитетот е скоро целосно исполнет, остануваат само неколку слободни кревети за итни случаи“, објасни Ѓиновска-Тасевска.
Симптомите на грипот се слични на оние кај коронавирусот, поради што Министерството за здравство апелира до граѓаните за масовна вакцинација. Според министерот, досега се вакцинирани 77.000 граѓани, а се уште има околу 3.000 дози достапни без претходна пријава во системот, директно во здравствените установи.
– „Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на повозрасните лица, бремените жени, здравствените работници и други чувствителни категории“, посочува министерот Алиу.
Лекарите препорачуваат граѓаните да избегнуваат големи собири и престој во затворени простории, да ја одржуваат личната хигиена и да ја зајакнуваат имуноста преку витамини и здрави додатоци во исхраната. Особено се советува децата при првите симптоми да не се носат веднаш во болница, туку да се започне со домашно лекување или со соодветна терапија препишана од матичен лекар, за да се избегне дополнително влошување на состојбата.
Сезонскиот грип оваа година покажува висока заразност, а лекарите повикуваат на внимателност и одговорност за заштита на најранливите категории.
















