Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, утрово информираше дека младите од општината ќе добијат финансиска поддршка од 10.000 денари за полагање возачки испит.
Преку објава на Фејсбук, Стефковски соопшти дека е објавен јавен повик за субвенционирање на младите за полагање возачки испит. Како што посочи, станува збор за конкретна мерка и реална поддршка со јасна порака дека младите се приоритет на локалната самоуправа.
Право на аплицирање имаат млади лица на возраст од 18 до 25 години кои се жители на Општина Гази Баба. Барањето треба да биде поднесено во Архивата на Општината, а апликантите мора да имаат извршена уплата во регистрирана авто школа.
За аплицирање потребно е да се достави следната документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, оригинал доказ за извршена уплата, како и тековна состојба на авто школата, не постара од два месеци.
Градоначалникот истакна дека оваа мерка се спроведува затоа што Општината верува во младите и затоа што нивната мобилност значи повеќе можности, поголема самостојност и посигурна иднина.
„Аплицирај. Искористи ја можноста. Твојата иднина тргнува од тука“, порача Стефковски.
Јавниот повик е достапен на официјалната веб-страница на Општина Гази Баба.

















