ПРВ.мк
Македонија

ОПШТИНИТЕ ТРЕБА ДА НАЈДАТ ЛОКАЦИЈА: Ќе добијат ли македонските градови уредени гробишта за миленици?

ОПШТИНИТЕ ТРЕБА ДА НАЈДАТ ЛОКАЦИЈА: Ќе добијат ли македонските градови уредени гробишта за миленици?
Kristal

Луѓето кои сакаат и чуваат животни, а за возврат ја добиваат нивната безусловна љубов, тешко може да се опишат како лоши. Напротив, бројни истражувања укажуваат дека милениците често се посигурен и подлабок извор на љубов, утеха и позитивни емоции од луѓето со кои секојдневно се среќаваме.

Со годините заедничко живеење, врската меѓу човекот и миленикот станува силна и длабока. Но, прашањето кое со децении ги мачи сопствениците е едно – што се случува кога миленикот ќе почине? Токму тука започнува една од најболните и најнедефинирани теми во македонското општество.

Млада скопјанка раскажува дека по 12 години поминати со своето куче од расата бишон, се соочила со огромна емотивна болка по неговата смрт. Не сакала телото на миленикот, кој бил дел од нејзиното секојдневие повеќе од една деценија, да заврши во контејнер. За да знае каде почива и да му оддаде почит, го закопала во близина на викендицата на своите родители во скопско село, каде поставила и мал симболичен споменик кој често го посетува.

Иако ваквите постапки се разбирливи од емотивен аспект, тие можат да бидат опасни и казниви, особено ако станува збор за животно кое било болно од заразна болест. Непрописното закопување може да претставува ризик за ширење на зарази, но и покрај тоа, сопствениците често се одлучуваат на ваков чекор. Велат дека немаат срце телото на миленикот да го фрлат во канта, во река или покрај пат.

Токму поради ова, надлежните институции најавуваат конечно системско решение кое треба да донесе достоинствено место за почивање на милениците и поголем спокој за нивните сопственици.

Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со општините, неодамна најави дека ќе се пристапи кон изградба на гробишта за миленици – практика која со години успешно функционира во Белград, Загреб, Љубљана, како и во голем број европски земји.

Од АХВ појаснуваат дека станува збор за идеја која сѐ уште е во почетна фаза и чија реализација ќе вклучува повеќе релевантни институции со различни надлежности. Улогата на Агенцијата е поврзана со регулирањето на нештетното уништување на отпад од животинско потекло, додека локалните самоуправи, општините и Градот Скопје, ќе имаат обврска да обезбедат соодветна локација, инфраструктура, опрема и да го менаџираат ваквиот капацитет.

Сопствениците и љубителите на животни се надеваат дека општините ќе постапат брзо и ефикасно, бидејќи носењето одлука за изградба на гробишта за миленици е исклучиво во нивна надлежност. Од АХВ дополнуваат дека по претстојните состаноци меѓу институциите и локалните самоуправи, општините ќе треба самостојно да одлучат за моделот – дали секоја општина ќе има свои гробишта или ќе се воспостави заеднички капацитет за неколку општини, како и да ја дефинираат целосната инфраструктура и опрема.

Идејата доби поддршка и од ЈП Лајка, претпријатието за заштита и благосостојба на животните под капата на Град Скопје. Оттаму велат дека секојдневно се соочуваат со болката на сопствениците кои го губат својот миленик и немаат законски уреден начин достојно да се збогуваат. Според нив, отворањето гробишта за миленици би било значајно како хуман и емотивен чин, но и како практично и законско решение кое ќе им овозможи на граѓаните место за спомен, почит и мирно збогување.

Она што дополнително ги загрижува сопствениците е прашањето за цената – колку ќе чини гробното место, одржувањето и придружните услуги. Од АХВ нагласуваат дека овие детали ќе ги утврдат локалните самоуправи, откако ќе се дефинираат моделот, потребите и техничките услови за функционирање на ваквите капацитети.

Кога станува збор за бездомните животни, законот предвидува тие да се закопуваат во таканаречени јами гробници во рамки на депониите. Во моментов, ЈП Лајка ги одложува починатите кучиња на депонијата Дрисла, бидејќи, како што наведуваат, не постои друга соодветна и законски регулирана алтернатива.

Дали Македонија конечно ќе се приближи до европските стандарди кога станува збор за грижата и достоинството на милениците, останува да се види. За споредба, главниот град на Хрватска веќе располага со ултрасовремен комплекс за погребување на миленици, кој служи како пример што би можело да се реализира и кај нас.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo