Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ја посвети оваа сабота на директни средби и разговори со своите сограѓани. Од раните утрински часови тој беше во својот кабинет, каде што, како што информира, остварил комуникација со повеќе од 80 жители – преку телефонски повици или лични средби.

„Мојот тим ги запишува барањата и веднаш пристапуваме кон нивно решавање, во зависност од природата на проблемот“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека некои граѓани не се јавуваат со конкретен проблем, туку сакаат да споделат идеи, да поразговараат пријателски, или едноставно да дадат поддршка за досегашната работа на општината. „Тоа е само уште еден доказ за нашата посветеност“, додаде градоначалникот.

Ѓорѓиевски најави дека ќе остане во кабинетот во текот на целиот ден, а доколку има потреба, ќе продолжи со средбите и утре. „Секој што има потреба – ќе го примам во мојот кабинет или ќе се сретнеме надвор, на пријателско кафе. На проблемите им погледнуваме во очи и директно ги решаваме“, порача тој.
Градоначалникот заврши со порака дека ќе продолжи да биде достапен и дека неговата крајна цел е секој жител на Кисела Вода да биде задоволен.