Втор ден штрајк со глад на дел од затворениците во затворот во Струга. 13 затвореници започнаа со штрајк поради тоа што, како што велат, им биле прекинати договорите за работа надвор од просториите на затворот. Првично тие изјавија дека раководството на затворот ги информирало дека освен прекинот на шестмесечните договори за работа, им се укинува и правото на викенд. Сепак, по интересирот на ТВ21, тие појаснија дека директорот ја сменил изјавата и рекол дека е прекината само можноста за работа надвор од затворот. Затворениците истакнуваат дека ќе продолжат со штрајкот се додека не им се вратат договорите за работа, кои според нив, им се гарантирани со закон.
„Продолжуваме со штрајкот со глад. Засега сме добро и немаме здравствени проблеми. Денес не дојде ниту еден лекар да нè прегледа и немавме средба со директорот. Штрајкот ќе го продолжиме сè до остварување на нашите права што ни следуваат по закон“, вели еден од затворениците.
По започнувањето на штрајкот, затворот го посети зам.народниот правобранител, Лубер Руфати. По посетата, тој изјави дека се преземени сите неопходни мерки за да се обезбеди благосостојба на затворениците кои штрајкуваат.

„Разговаравме со медицинскиот тим за здравствената состојба на затворениците кои штрајкуваат, разговаравме со сите и ни беше предадена и потпишаната изјава за штрајкот на затворениците. Ја следиме ситуацијата одблиску и се преземаат потребните мерки“, рече Руфати.
Директорот на затворот во Струга, Ардит Мустафај, за ТВ21 изјави дека договорите за работа се прекинати затоа што затворениците не го почитувале работното време.