Охрид, 10. мај 2025 – Подолг период наназад, сведоци сме на бездомни лица во центарот на градот, кои се слика со која се среќаваме секојдневно.
OhridPress во повеќе наврати пишуваше за лицето кое своевремено спиеше на Градскиот кеј, на потегот пред поранешниот хотел „Палас“, каде подготвуваше храна и го поминуваше најголемиот дел од денот. Претходно, истото лице спиеше пред нова зграда на булеварот „Туристичка“, за деновиве негов дом да биде охридското „Островче“.
Иако секојдневно поминуваме покрај ова и другите бездомни лица, често без и да ги погледнеме или забележиме, сепак тие се секојдневие во Охрид.
Може ли градот повеќе, може ли да се изнајде решение за овие лица?
Не дали може, туку мора, и тоа без да се бараат изговори и да се префрла топката и ингеренциите на друга страна. Ако некогаш оваа слика можеше да се види само во текот на летната сезона и бевме уверувани дека е „увезена“, сега е повеќе од јасно дека проблемот е реален и се продлабочува. Повеќе лица бараат сместување во напуштени објекти и куќи, а често можат да се видат и како буквално спијат на улица или до некоја куќа или зграда.
Решението мора да е системско и одржливо, за да се стави крај на оваа појава, пред се’ во насока на подобар живот на овие лица, но и на сликата која како град ја презентираме пред посетителите од целиот свет. (Крај)