ПРВ.мк

Европската слободна алијанса бара Бугарија и Албанија ги почитуваат правата на Македонците

Европската слободна алијанса бара Бугарија и Албанија ги почитуваат правата на Македонците
Jumbo Banner

Европската слободна алијанса (ЕФА) на своето Генерално собрание кое што се оддржа во Нант, Шпанија на 10 мај 2025 донесе резолуција за заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати поднесена од Македонска алијанса за европска интеграција и ОМО Илинден Пирин.

ЕФА во својата позиција тргнува од извештајот за „Минимални стандарди за малцинствата во ЕУ“ од 2018 година и фактот дека Македонците се домородно население на територијата на Бугарија и Албанија и покажуваат посебни културни црти, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по бројност од остатокот од населението на таа држава.

ЕФА својата резолуција ја базира на повеќе факти:

Македонците се силно мотивирани да го зачуваат она што го сочинува нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ја нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик;

Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство според горенаведениот Извештај на ЕУ;

Македонците се предмет на државно организирани систематски политики на асимилација, дискриминација и негирање на нивните човекови и малцински права.

Поради овие причини ЕФА ги осудува:

• Бугарската политика на негирање на постоењето на Македонската нација и блокирање на членството на Македонија во ЕУ;

• Бугарската политика на асимилација и дискриминација на Македонското малцинство во Бугарија;

• Бугарската политика на етничко таргетирање на Македонското малцинство во Албанија за вештачко создавање бугарско малцинство преку масовно доделување и продажба на бугарски државјанства од ЕУ, напори за асимилација, притисок врз властите и финансиски поткупи – јасна злоупотреба на членството на Бугарија во ЕУ.

• Понатамошна употреба на ова неодамна создадено малцинство за уценување на Албанија и легитимирање на асимилацијата на Македонското малцинство

• Правните постапки поддржани од бугарската држава против Македонската алијанса за европска интеграција, која има за цел да го замолчи политичкиот глас на Македонското малцинство во Албанија

• Издавањето лажни сертификати за бугарско потекло од страна на одредени албански општини – и покрај тоа што немаат законска надлежност да издаваат такви документи – со цел добивање бугарски пасоши преку коруптивни средства.

Поради сето наведено Европската слободна алијанса бара од Бугарија да се откаже од своите услови за европска интеграција на Македонија, кои се спротивни на Копенхашките критериуми, и да ја укине блокадата за пристапување на Македонија во ЕУ.

Дополнително ЕФА бара Софија да им ги даде на Македонците во Бугарија истите права што ги бара за Бугарите во Македонија, во согласност со принципите на правда и еднаквост.

Од Софија се бара веднаш да ја запре својата агресија врз македонското малцинство во Албанија и заедно со Грција и Албанија, да ја потпише и целосно да ја спроведе Европската повелба за регионални или малцински јазици, вклучително и активна поддршка за македонскиот јазик и култура за Македонците и другите малцинства.

ЕФА од институциите на ЕУ бара повторно да се отвори прашањето за малцинствата во пост-мониторинг процесот за Бугарија и да се обезбеди целосно почитување на Копенхашките критериуми од оваа членка на ЕУ.

Според ЕФА Европската комисија треба да го истражи третманот на македонските малцинства во Бугарија, Албанија и Грција;

Во врска со малцинските права од Брисел се бара идните текстови на ЕУ експлицитно да го споменуваат „етничкото Македонско малцинство“ во главниот текст, а не во фусноти или нејасни термини.

ЕФА бара да се создадат механизми што ќе им овозможат на малцинствата да ги принудат институциите на ЕУ, како што е Комисијата на ЕУ, да дејствуваат во врска со системските повреди на правата;
Дополнително се бара да се третира преседанот на ЕСЧП еднакво и да не се користи за оправдување на неактивноста, особено кога малцинствата немаат правни ресурси.

Во врска со јазикот и другите теми ЕФА бара да се признае македонскиот јазик како малцински јазик и да се поддржи неговата институционална употреба.
Да се признае дека барањата за регистрација за пристап до грантови финансирани од ЕУ им го негираат еднаквиот пристап на македонските граѓани на ЕУ.
Да се повика Европската комисија да ги преиспита и отстрани барањата за регистрација за апликации за грантови од горенаведената причина;
Да се гарантира правото на самоопределување и самоизразување за Македонците и во Бугарија и во Албанија.
Според Образложението од ЕФА овој предлог се потпира на Извештајот на ЕУ за минималните стандарди за малцинствата (2018/2036(INI)) и е одговор на растечкото потиснување на македонскиот идентитет во Бугарија и Албанија, како и на неуспехот на ЕУ експлицитно да го спомене етничкото Македонско малцинство. 

Според Европската слободна алијанса потребен е нов пристап за да се обезбеди видливост и вклучување во рамките на човековите права на ЕУ.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран