Во општина Кисела Вода започнаа градежните активности за уредување на нов парк на просторот кај училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Просторот кој до вчера беше запуштена депонија, наскоро ќе биде трансформиран во модерен и уреден јавен простор наменет за сите генерации.

Градоначалникот на општината, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека паркот ќе биде збогатен со парковско зеленило, дрвца, урбана опрема, современо осветлување и модерно детско игралиште. Како што најави, се планира хортикултурно уредување на целиот простор со цел да се создаде пријатна и естетски привлечна околина.

Проектот е реализиран со поддршка од општествено одговорна компанија, на која градоначалникот јавно ѝ се заблагодари, нагласувајќи ја важноста од ваквите партнерства за подобрување на животната средина. Благодарност беше упатена и до министерката за образование Весна Јаневска и директорката на училиштето Александра Јаковчевска, кои овозможија реализација на проектот.
„Ова е уште еден доказ дека промените се случуваат секојдневно и дека нема запирање. Нашите граѓани добиваат ново катче за одмор, рекреација и дружење на отворено,“ изјави Ѓорѓиевски.
Новото урбано јадро ќе им биде достапно и на учениците од училиштето и на жителите од поширокиот реон, претворајќи го запуштениот простор во место за заедничко користење и уживање.