Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, изврши теренски увид на стартот од реконструкцијата на мостот „Киро Фетак“, како и санацијата на регионалниот пат Р-1106, клучна сообраќајна артерија која ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром, Зелениково и Студеничани со автопатот.

Станува збор за две поврзани интервенции – целосна реконструкција и проширување на мостот со тротоари и безбедносни елементи, како и санација на самата улица од страна на државното јавно претпријатие. За проектот, општина Кисела Вода изработи сопствена проектно-техничка документација, додека вредноста на зафатот е проценета на околу 6 милиони денари.

Ѓорѓиевски потсети дека токму овој мост со години претставува опасна точка, со чести сообраќајни незгоди и сериозни ризици за учесниците во сообраќајот. „Со оваа реконструкција обезбедуваме не само побезбедна сообраќајна врска, туку и поквалитетна инфраструктура за нашите граѓани“, изјави тој.

Проектот се оценува како стратешки важен за подобра поврзаност, мобилност и безбедност на целото подрачје, а локалната самоуправа, како што најави градоначалникот, останува посветена на унапредување на инфраструктурата и сервисите за граѓаните.