Глутници бездомни кучиња продолжуваат да претставуваат сериозна закана за безбедноста на граѓаните во Скопје, особено во општината Карпош, но и во други делови од градот. Жителите предупредуваат на зголемена опасност за животот и здравјето, додека институциите, според нив, сè уште немаат ефикасен систем за контрола и обесштетување на нападнатите лица.
Групата „Независни за Карпош“ алармира дека ситуацијата ескалира и предлага формирање кризен штаб во кој би биле вклучени општинските служби, Град Скопје, МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство, ЈП Лајка и активни ветеринари.
– Кучињата што се идентификувани како донесени од други општини или држави да се вратат назад, а одговорните да бидат санкционирани со помош на МВР и системот „Безбеден град“ – велат од иницијативата.
Инциденти и во други општини
Проблемот не е ограничен само на Карпош. Во март 2025 година, 59-годишна жена била касната од куче скитник во општината Гази Баба, а истиот ден малолетник бил нападнат во селото Булачани. Напади од групи кучиња беа пријавени и на кејот кај „Хотел Русија“.
Слични инциденти имаше и во Битола, каде двегодишно дете беше тешко каснато во центарот на градот, што предизвика вонредна акција на локалното комунално претпријатие за заловување на кучињата.
Долги судски постапки и неисплатени обесштетувања
Граѓаните укажуваат и на проблеми со обесштетувањето. Еден скопјанец сведочи дека и по судска пресуда во негова корист, сè уште нема добиено исплата од Град Скопје за напад од улични кучиња што се случил пред година и пол.
Тој посочува дека кучињата и понатаму се на истата локација, и покрај уредно поднесените пријави до надлежните институции.
„Анима мунди“: Коренот е неодговорното сопствеништво
Од организацијата за заштита на животните Анима мунди нагласуваат дека главниот извор на проблемот е неодговорното сопствеништво и недоволната законска регулација.
– При едно неодамнешно заловување, од шест кучиња заловени од ЈП „Лајка“, дури пет имале сопственик. Тоа покажува дека бездомните кучиња не се само „уличен проблем“, туку резултат на напуштање и неконтролиран расплод – велат од организацијата.
Тие предлагаат напуштањето миленик да стане кривично дело, со строги казни за неконтролиран расплод и пуштање животни без надзор, по примерот на европските земји.
– Животните не се виновни што се на улица. Решението не е во нивно убивање, туку во спречување создавање нови напуштени животни и воведување вистинска одговорност – порачуваат од „Анима мунди“.
Без системски и законски измени, предупредуваат експертите, нападите ќе продолжат, со реална закана по безбедноста на граѓаните, особено на децата, повозрасните лица и туристите.

















