Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 35-годишен маж поради сомнение за продолжено кривично дело „затајување“, согласно член 239 став 5 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик, објави Скопје1.мк.
Според информациите од обвинителството, осомничениот ја злоупотребил својата службена положба како менаџер на продавница во трговски центар во Чаир. Искористувајќи ја довербата и пристапот до касите и сефот, во периодот од 18 декември 2025 до 4 февруари 2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства од дневниот промет.
Наместо парите да ги депонира во сеф или да ги предаде на овластено лице задолжено за собирање и транспорт на прометот, тој ги задржувал за себе. Со ваквото постапување, како што наведува обвинителството, незаконски присвоил вкупно 2.783.867 денари, со што ја оштетил компанијата во која бил вработен.
Откако бил откриен, осомничениот веднаш бил отстранет од работното место. Јавниот обвинител предложил и мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска редовно да се јавува во суд и привремено одземање на патната исправа.
При донесувањето на овие предлози, обвинителството го имало предвид ризикот од бегство, како и фактот дека осомничениот сè уште не ги вратил и ги крие противправно присвоените средства. Истрагата продолжува, а понатамошниот тек на постапката ќе зависи од собраните докази и одлуките на надлежниот суд.

















