Компаниите за дојдовен туризам имаат клучна улога во развојот на туристичкиот еко-систем во земјава. Тие носат странски туристи кои престојуваат во домашните хотели, консумираат во македонски ресторани, користат локални превозници и туристички водичи, посетуваат музеи и археолошки локалитети и купуваат домашни производи и сувенири.
Според Влатко Сулев, претседател на Национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), значењето на овие компании за економијата е огромно. „Од успешните договори што ќе ги склучат со странски тур-оператори, позитивни ефекти има целата домашна економија. Странските туристи носат свеж капитал кој има мултипликативен ефект – отворање нови работни места, поддршка на микро и мали бизниси и развој на региони кои инаку не би се развиле“, истакнува Сулев.
Тој нагласува дека е особено важно да се привлекуваат туристи со поголема куповна моќ и да се работи на целогодишна понуда, со што бенефитите за економијата би биле уште поголеми.
Поддршка за програмата за 2026 година
Од НАИТМ ја поздравуваат програмата за промоција и развој на туризмот за 2026 година, во која е предвидено активно вклучување на приватниот сектор. Зголемениот број авио-линии од домашните аеродроми се смета за одлична основа за понатамошен раст, но се очекува и институционална поддршка за системска и континуирана промоција на земјата како туристичка дестинација.
Голем потенцијал и потреба од дигитализација
Иако бројот на странски гости расте, потенцијалот на Македонија е далеку поголем. Дојдовниот туризам поттикнува развој на нови услуги, ја подобрува инфраструктурата и ги развива човечките ресурси, особено во руралните и помалите туристички средини.
Во време кога глобалните трендови се насочени кон автентични искуства и нови дестинации, предизвик останува дигитализацијата на туристичката понуда. Земјава има потенцијал за екотуризам, гастрономски туризам, културно-историски тури и активен планински туризам, но е потребна посилна онлајн промоција и современи дигитални алатки.
Во тој контекст, НАИТМ најавува поддршка за имплементација на дигитални решенија – системи за онлајн резервации, дигитален маркетинг и поефикасна комуникација со клиентите. Планирани се и FAM тури, roadshow презентации на клучни пазари, како и учество на меѓународни туристички саеми и професионални работилници.

















