ПРВ.мк
Скопје

(ВИДЕО) „Не ми треба тапкање по рамо“: Девојка излезе јавно со барање за помош и промена!

(ВИДЕО) „Не ми треба тапкање по рамо“: Девојка излезе јавно со барање за помош и промена!

Дипломираната физиотерапевтка и сертифициран терапевт за традиционална тајландска масажа, Меланија, преку емотивно видео објавено на својот Инстаграм профил упати јавен апел до надлежните институции, тврдејќи дека со години живее во услови на страв, семејно насилство и недоволна институционална реакција.

Во своето обраќање, таа посочи дека досега социјалните мрежи ги користела за теми поврзани со здравјето, холистичкиот пристап и духовниот развој, но дека овојпат решила јавно да проговори за личната борба низ која минува.

„Не барам да бидам сожалувана, не барам коментари и поддршка од луѓето. Барам институциите да ме слушнат и да ми помогнат“, порача Меланија во видеото.

Според нејзиното сведоштво, таа живее со својата мајка, баба и брат кој има церебрална парализа, во дом со лице за кое тврди дека подолг период е во состојба на зависност од алкохол, има психијатриска дијагноза и претходно лекување во психијатриски установи.

Меланија наведува дека семејството повеќепати се обидувало да обезбеди повторно институционално лекување, но дека, како што тврди, не добиле соодветна помош. Таа посочува дека во одредени ситуации добивале одговори дека нема слободни места во психијатриските установи или дека не се исполнети условите за принудно лекување.

Таа тврди дека семејството со години се соочува со закани, психолошки притисок и чувство на несигурност, како и дека во повеќе наврати барале помош од полицијата и здравствените институции.

Дополнителен проблем, според неа, претставува состојбата на нејзиниот брат кој користи инвалидска количка, поради што семејството има ограничени можности за преселување или пронаоѓање соодветно и пристапно сместување.

„Не мора да има жртви за некој да нè слушне. Не мора да бидеме убиени или тешко повредени за системот да реагира“, порача Меланија.

Таа побара од надлежните институции да преземат конкретни чекори и јавно постави прашање кој е надлежен да реагира во случаи кога лице со сериозни психички нарушувања и зависност од алкохол може да претставува ризик за членовите на своето семејство.

На крајот од видеото, Меланија повторно упати апел за итна помош, нагласувајќи дека не сака институциите да реагираат дури откако ќе се случи несакана трагедија, туку да обезбедат навремена заштита.

Нејзиното сведоштво повторно ги отвора прашањата за системот на заштита од семејно насилство, достапноста на психијатриската помош и механизмите за брза интервенција во случаи каде постои загриженост за безбедноста на членовите на семејството.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА