ПРВ.мк
Скопје

Дводневен „Лајка-Фест“ во Скопје посветен на животните и заедништвото - еве што ќе се промовира!

Дводневен „Лајка-Фест“ во Скопје посветен на животните и заедништвото - еве што ќе се промовира!

ЈП JП Лајка денеска и утре организира дводневен едукативно-забавен настан „Лајка-Фест“ во City Park Skopje, кој е посветен на вдомување на животни, одговорно сопствеништво, едукација и заедништво меѓу граѓаните и милениците.

Од претпријатието информираат дека фестивалот ќе понуди неколку тематски зони, меѓу кои зона за вдомување и привремено згрижување на животни, едукативна зона за одговорно сопствеништво, зона за обука и дресура, детска зона со интерактивни активности, како и главна сцена со игри, натпревари и забавна програма.

Посебен акцент е ставен на детската зона „Растеме со љубов“, каде најмладите преку игра, цртање и интерактивни активности ќе учат како правилно да се грижат за животните, како да им приоѓаат и зошто се важни емпатијата и одговорноста кон милениците.

Од ЈП Лајка нагласуваат дека едукацијата од најмала возраст е клучна за создавање похумано општество, во кое идните генерации ќе носат поодговорни одлуки за третманот на животните.

Тие посочуваат и дека проблемот со бездомните кучиња не започнува на улица, туку со неодговорно сопствеништво, напуштање, неконтролирано размножување и недоволна едукација, поради што фестивалот има и посебна информативна зона за подигнување на јавната свест.

Во рамки на настанот ќе се одржат и активности како „Ти и твоето куче – кој на кого личи?“, изложба на вдомени миленици, како и доделување награди и интеракција со посетителите и нивните миленици.

Организаторите порачуваат дека целта на „Лајка-Фест“ е преку едукација, дружење и активно учество на заедницата да се придонесе кон похуман, побезбеден и поодговорен град за сите жители и животни.