ПРВ.мк
Скопје

ИНЦИДЕНТ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ: Девојче изгризено од глутница кучиња - ова е нејзината состојба!

ИНЦИДЕНТ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ: Девојче изгризено од глутница кучиња - ова е нејзината состојба!

Проблемот со бездомните кучиња во Скопје повторно е во фокусот на јавноста, откако граѓани на социјалните мрежи споделија серија вознемирувачки сведоштва за напади и опасни ситуации во повеќе делови од градот.

Една жителка на општина Карпош опиша драматичен настан кој, како што тврди, се случил пред нејзини очи. Таа наведува дека поголема група од околу 20 бездомни кучиња нападнале девојче кое мирно се движело низ улицата. Според нејзиното сведоштво, ситуацијата можела да заврши многу потешко доколку навремено не реагирало обезбедувањето од објектот „Сити Тауер“, кое спречило ескалација на нападот.

Граѓанката предупредува дека особено ризична точка е просторот кај паркингот во близина на салата „Партизан“, каде, како што тврди, со месеци се движи истата група кучиња. Таа додава дека на истата локација и во околината имало и други непријатни ситуации со напади врз пешаци, вклучително и постари лица и родители со мали деца.

Проблемот, според реакции од жителите, не е ограничен само на Карпош. Слични пријави пристигнуваат и од Кисела Вода и Бутел, каде граѓаните тврдат дека се забележуваат нови групи несоцијализирани кучиња кои се појавуваат во урбани и училишни зони.

Од јавното претпријатие „Лајка“ велат дека состојбата е сложена и дека нивните тимови постојано интервенираат на терен. Според директорот на претпријатието, Војислав Димитровски, службите се во секојдневна комуникација со општините и реагираат веднаш по добиени пријави, но проблемот се проширува поради појавата на нови групи кучиња.

Од „Лајка“ упатуваат апел до граѓаните да соработуваат и да пријавуваат локации каде се забележуваат поголеми групи бездомни животни, со цел нивно лоцирање и третирање.

Во меѓувреме, градските власти најавуваат зголемени инвестиции за справување со состојбата. Според најавите, се обезбедуваат средства за проширување на капацитетите на системот за згрижување на бездомни кучиња и подобрување на условите за нивен третман.

Градоначалникот истакнува дека проблемот со години се акумулира и дека е потребен системски пристап, со цел конечно воспоставување контрола и намалување на бројот на бездомни животни на улиците. Во план е и засилен надзор и санкционирање на несовесно префрлање кучиња од други градови во главниот град.