Од утре стапува на сила новиот сообраќаен режим на улиците што водат кон подземната сообраќајница под комплексот згради „Лимак“ во Скопје, поради завршна фаза од градежните работи за проширување на овој инфраструктурен проект.
Проектот во првата фаза изнесува 1,2 милиони евра (околу 77 милиони денари), а го реализира фирмата „Ленди груп“ од Скопје.
Клучни промени во сообраќајот
Со цел да се овозможи непречено функционирање на новиот влез во подземната сообраќајница, воведени се значајни измени во движењето на возилата во овој дел од градот.
Промени кај кафеана „Ив“ (кон Кисела Вода и Аеродром)
Од Јужен булевар кон Кисела Вода сообраќајот ќе се одвива по улицата што минува покрај кафеана „Ив“. Таа станува еднонасочна, а ќе биде поставен и нов семафор за лево вртење, кој ќе овозможи приклучување кон улицата „Есенинова“ во правец на Аеродром.
Од Град Скопје најавуваат и изградба на натпатник на овој потег.
Промени кај Пазарна инспекција (кон Тутунски комбинат)
Улицата покрај објектите на Пазарната инспекција, која води кон Тутунски комбинат, веќе е еднонасочна, но сега со обратен правец.
Тоа значи дека од Јужен булевар повеќе нема да може да се врти лево кон Аеродром и Тутунски комбинат. Наместо тоа, возилата ќе се движат од правец на Тутунски комбинат кон Јужен булевар, со директен влез во подземната сообраќајница.
Стеснување на „11 Октомври“
Како дел од промените, на улицата „11 Октомври“ е извршено стеснување на коловозот. Наместо досегашните три ленти, по поставување нова жардиниера, сообраќајот сега се одвива по две ленти.
Надлежните најавуваат дека овие измени се воведуваат за поголема функционалност и подобрување на протокот на возилата во овој дел од градот.









