Андреј Миневски и неговиот тим деновиве ги израдуваа дечињата од училиштето ОУРЦ „Иднина“, лицата од ЦПЛИП „Порака“ и дечињата од социјално ранливи семејства кои ги сретнале на скопските улици. Следната посета е планирана за понеделник, кога ќе ги посетат дечињата од ОУРЦ „Златан Сремец“.
Денес, 27 декември, Дедо Мраз со чудната санка и бучните ирваси ќе биде присутен на следните локации:
- Плоштад Автокоманда од 17:10 до 18:00 часот
- Зоолошка градина Скопје од 18:10 до 19:00 часот
- Скопје Сити мол, пред источниот влез, од 19:10 до 20:00 часот
Оваа иницијатива е идеја на Андреј, кој контактираше приватни компании, собра средства и подготви пакетчиња за дечињата. „Секое детенце што ќе го сретне тимот низ градот ќе добие барем мал знак на радост. Санката на Дедо Мраз е полна со пакетчиња за секое дете да почувствува дека секоја желба е можеби остварлива и дека празниците се за сите“, истакна Андреј.
Низ градот, Дедо Мраз може да се види со новогодишно украсено комбе, полно со пакетчиња. Миневски најави дека следната година акцијата ќе продолжи, со цел да се зголеми бројот на општествено одговорни компании и да се обезбеди пакетче за секое дете. „Секој придонес, голем или мал, може да направи значајна разлика. Добрината е дел од работата – оваа година десетина компании донираа средства за пакетчињата“, додаде Андреј.
















