Дваесетина ученици и еден наставник од Основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во скопската општина Кисела Вода побарале лекарска помош по појава на симптоми како гадење, повраќање и дијареја, што отвори дилеми дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција.
Според информации од здравствените установи, околу 15 ученици биле прегледани на Детската клиника. Кај најголем дел од нив била констатирана полесна клиничка слика и по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување. Само едно дете било задржано во болница, но по стабилизација и тоа било пуштено дома.
Од Клиниката за инфективни болести информираат дека биле прегледани четири деца и едно возрасно лице со слични симптоми, при што кај ниту еден пациент не е утврдена потреба од хоспитализација.
Според првичните епидемиолошки податоци, засега не е утврдена заедничка консумација на храна кај сите заболени, поради што надлежните институции не изнесуваат конечни заклучоци додека траат анализите.
Реакции пристигнаа и од родителите, кои изразуваат загриженост и бараат брзо расчистување на случајот. Дел од нив наведуваат дека нивните деца биле земени од училиште уште во текот на денот поради повраќање.
Од Општина Кисела Вода соопштија дека внимателно ја следат состојбата и дека учениците со симптоми се од различни возрасни групи. Според првичните информации, тие не консумирале иста храна во училиштето, а дел од нив оброци имале и надвор од училишниот објект.
Општината наведе дека веднаш биле известени Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје и дека ќе постапува согласно нивните препораки.
Сепак, директорите на Центарот за јавно здравје – Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат изјавиле дека до нив сè уште не пристигнала официјална пријава за случајот.
Надлежните институции продолжуваат со проверки за да се утврди точната причина за појавата на симптомите.









