Во атмосфера исполнета со духовност, свеченост и благодарност, денеска во Љубанци беше осветен новиот манастир „Св. Јован“, настан што собра бројни верници, гости и претставници од јавниот живот.
На овој значаен ден, заедно со граѓаните, на свеченоста присуствуваа и заменик-министерот Ѓоко Велковски, пратеничката Каролина Насковска, како и бројни поддржувачи и добротвори кои помогнаа ова свето место да стане реалност.
Чинот на осветување го изврши неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со митрополитите г. Агатангел и г. Јосиф, давајќи му на настанот особена духовна тежина.

Со изградбата на манастирот и целиот манастирски комплекс, Љубанци и општина Бутел добија нов духовен центар – свето место кое ќе служи на верниците, ќе биде прибежиште за молитва, мир и духовно обновување за генерации што доаѓаат.

Посебна благодарност беше упатена до иницијативниот одбор, ктиторот Илија Павличковски, граѓаните, донаторите и сите помагатели кои придонеле овој значаен проект да биде успешно завршен.
Осветувањето на „Св. Јован“ претставува нова духовна светлина и симбол на верата, заедништвото и посветеноста кон православната традиција. За многу години!











