На последниот ден од август 1997 година, во подвозникот покрај мостот Алма во Париз, се загасна животот на една од најувликателните жени на сите времиња. Принцезата Дајана загина во сообраќајна несреќа заедно со нејзиниот тогашен партнер Доди ал Фајед и возачот Анри Пол, додека телохранителот Тревор Рис-Џонс задоби тешки повреди, но подоцна успеа да се опорави. Тој не зборуваше многу за случајот бидејќи нема сеќавање од тој момент. Сепак, имаше луѓе кои беа сведоци на последните земни моменти на никогаш непрежалената „кралица на срцата“.
Меѓу нив беше и противпожарникарот Ксавие Гурмелон, кој со своите колеги брзо пристигна на местото на несреќата и учествуваше во процесот на извлекување на жртвите од смачканиот мерцедес. Автомобилот во кој се наоѓаше принцезата Дајана влезе во тунелот со голема брзина, а во обид да заобиколи друго возило и да побегне од папараците, Пол изгуби контрола и удри во бетонски столб. Возилото потоа се одби од спротивниот ѕид, а последиците беа стравични.
При анализирањето на околностите под кои дојде до трагедијата, беше утврдено дека стрелката на брзиномерот запрела меѓу 95 и 105 километри на час, иако во подвозникот дозволената брзина била двојно помала – до 50 км/ч. Од силината на ударот, возачот и Доди останале мртви на местото.
Причината за смртта на една од најпопуларните жени на 20 век беше сообраќајната несреќа. Невнимание, алкохол во крвта на шоферот, неконтролирана брзина... Така гласи официјалната верзија. Се слушнаа уште бар уште илјада неофицијални верзии, разни шпекулации и теории на заговор, но единствениот кој би можел да каже што навистина се случило е Рис-Џонс. Сепак, неговото сеќавање е трајно избришано.
Пожарникарите, полицајците и службениците од брзата помош во првиот момент не знаеле за кого станува збор – не ја препознале принцезата од Велс. Последната личност која разговарала со неа бил токму Гурмелон. Видел дека е жива и дека отежнато дише, па најпрво се погрижил да ѝ ги ослободи белите дробови за да дојде до воздух. Во тие моменти не претпоставувал колку се сериозни нејзините повреди, а видлива била само онаа на рамото.
„Ја држев за рака и ѝ реков да биде мирна, дека сум тука за да ѝ помогнам. Да бидам искрен, верував дека ќе преживее. Беше свесна“, раскажа Ксавие пред неколку години. Таа дишела, па дури и разговарала. „Дури кога ја сместивме во возилото на брзата помош, дознав за кого се работи. Капетанот ми кажа која е таа, а тогаш и самиот сфатив зошто ми изгледаше познато.“
„Мој Боже, што се случи?“ – било првото нешто што го рекла принцезата Дајана. И последното. Нејзините последни зборови на овој свет.
Кога ја извлекле од автомобилот, ја однеле во најблиската болница „Пити-Салпетриер“, каде што еден час подоцна починала и покрај сите напори на лекарите.









